Имавме ли тешка зима како што се најавуваше? – анкетираните штипјани потврдуваат

Дека ќе имаме тешка зима беа најавите пред три месеца. 2022 година ја завршивме со поскап живот за 14%, повисока цена за струја, скапи дрва и постојани промени кај цените на горивата. Според анализите на Државниот завод за статистика, најголемо поскапување зимава имаше кај храната и пијалоците, а огромно зголемување кај транспортот. За ова согласни се и граѓаните, кои на последниот ден од оваа зима велат дека тешка беше во секој поглед. Единствено, позитивно е што во однос на временските услови на беше многу студена.

Министерот Бектеши, пак, денеска објаснуваше зошто смета дека пресметките за висината на потрошувачката кошничка зимава не се точни. Според него, во методологијата на ССМ инфлацијата е пресметана двапати и затоа не треба да се замт предвид бројките од август па наваму. Тој посочи дека во моментов сме стигнати до 2,1 плата за покривање на минималната синдикална кошничка и, според нивните пресметки, оваа бројка оди во надолен тренд споредувајќи со годините наназад.

„Гледате дека во осмиот месец дополнително двапати се пресметува инфлацијата. Што значи ова? Ова значи дека и внатре во секој елемент поединечно има пресметана инфлација, како на пример кај исхрана и пијалоци од седми на осми месец од 17.842, во осмиот 18.342 и дополнително после пресметана како поединечно како елемент кој е трошоци на живот (инфлација). Истото важи и за вториот елемент домување, како и за хигиена, превозот, облека и обувки и слично“, истакна Бектеши.

Бектеши посочи дека инфлацијата се намалува последните три месеца. Вели дека по летото истата ќе се спушти и под 7,1 отсто, што би значело двојно пониска инфлација од она што го имавме на крајот на 2022 година.

Ребека Спасова М-Нет