Карате федерацијата го дискриминира КК Штип, утврдила Комисијата за заштита од дискриминација

Карате клубот Штип мета на дискриминација од Карате федерацијата. Ова стои и во Мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде е утврдена директна и продолжена дискриминација извршена од Федерацијата врз основа на лично својство и општествен статус во областа на спортот кон двајцата тренери, Сашко и Жарко Арсовски и каратистите и членови на КК Штип, Бобан Џамгозов, Драгана Ефтимовска и Виктор Спасов.

„Веќе подолго време клубот на Шампионите од Штип е на мета на нестручното и несовесното функционирање на одредени поединци во КФРСМ каде преку лоши правилници ги скратија правата на спортисти да учествуваат и да се натпреваруваат на најголемите спортски натпреварувања. Со оглед на фактот дека нашите спортисти се веќе неколкупати ускратени со правото рамноправно да го изборат своето место во репрезентативните состави, за што како причина ги наведуваме лошите правилниците кои го уредуваат начинот за стекнување со статусот репрензетативец. Токму овие правилници се причина поради која дојдовме во директни судири со раководни структури заради штетите кој нашиот клуб ги претрпе во изминатиот период.“ – стои во реакцијата од КК Штип.

Правилникот на Федерацијата содржи одредби кои пропишуваат процедури и правила за начин на избор натпреварувачи-кандидати за репрезентативци за учество на Европски првенства, во случај кога ќе се пoјават повеќе кандидати со ист број бодови, што резултирало со ставање на група спортисти и спортски работници во понеповолна положба во споредба со друга група, врз основа на лично својство и општествен статус.

Во Мислењето од Комисијата се наведува дека дискриминацијата се случила на 16.5.2022 година, кога се настапувало на Европското првенство во карате во Прага, Чешка. Од КК Штип посочуваат дека се посветени кон исправање на последиците и штетите во нашиот клуб, а потенцираат дека Карате федерацијата е на ред да ги исправи сторените грешки.

Ребека Спасова М-Нет