
Денес беше комплетирано 20. коло од Втората македонска фудбалска лига, кое беше отворено вчера со пет натпревари.
Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност да го проследат соочувањето во Виница за опстанок во Втора лига помеѓу еките на Слога и Беса од Добри Дол. Резултатот на Градскиот стадион во Виница беше во полза на Беса со 0:1.
По првите 45 минути мрежите мируваа во Виница, а во вториот дел Имран Фетаи погоди за минимална победа 0:1 на Беса.
Вардар изби на врвот од табелата со 49 бодови пред конкурентите Воска Спорт, Гостивар и Пелистер, откако денес најтрофејниот македонски фудбалски клуб со убедливи 4:1 го доби Караорман од Струга.
Во првите 45 минути резултатот беше 2:1, па Вардар во вториот дел ги реши дилемите за трите бода.
„Вардарци“ до трите бодови стигнаа со погодоците на Николовски, Јаневски, Размоски и Митев, а Мишковски си даде автоголот.
Во Тетово свое соочување имаа Тетекс и Локомотива Пехчево во меч каде трите бодови беа повеќе од потребни и за едните и за другите со цел опстанок. Трите бодови за „штофарите“ на денешниот меч значеа живот кога е во прашање опстанокот, а денешниот натпревар заврши 1:0 за “штофарите”.
На полувреме Тетекс имаше предност од 1:0 со голот на Митров, а во вториот дел ја чуваше предноста за три бода.
Колку за потсетување, вчера Детонит Плачковица со 0:1 славеше на гостувањето кај Арсими во Чегране, Беласица со 2:0 ја доби Каменица Саса на домашен терен, Кожуф и Борец ги поделија бодовите играјќи 1:1, Пелистер беше убедлив против Охрид со 3:0, а пак директната дерби-пресметка помеѓу Воска Спорт и Гостивар заврши без победник и без голови (0:0) со што двата конкуренти за Прва лига си поделија по еден бод.
Лидер на табелата е Вардар со 49 бодови, пред Воска Спорт која со 47 бодови е втора и Гостивар кој со 45 бодови е трет. Екипата на Пелистер е четврта со 43 бодови и води борба за местата кои водат во Прва лига.