
Вардар иако се соочува со големи проблеми пред почетокот на пролетниот дел, сепак игра во одлична форма, и денес ќе биде пред сериозен испит на соочувањето со Караорман на домашен терен бидејќи „црвено-црните“ го напаѓаат првото место на табелата во Втората македонска фудбалска лига.
Вардар денес мисли само на триумф и доколку ја оправда довербата и на своето конто обезбеди три бода, тогаш Вардар ќе биде нов лидер на второлигашката табела со 49 бодови, пред Воска Спорт, која во таков случај би била втора со 47 бодови, Гостивар кој ќе остане на третото место со 45 бодови и Пелистер кој останува на четвртата позиција со 43 бодови.
За Караорман и бод ќе биде позитивен исход на денешното тешко гостување против најтрофејниот македонски фудбалски клуб.
Гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност да го проследат во ЖИВО соочувањето помеѓу Слога и Беса во Виница.
Екипата на Слога нема право на грешка ако сака сериозно да ги задржи шансите за директен опстанок, во секој друг случај ќе треба да се насочи кон обезбедување барем на бараж за опстанок. Беса влезе во резултатска криза од три последователни порази, односно само еден пролетен триумф и три порази во низа, па веќе црвениот аларм е вклучен кај второлигашот од Добри Дол и денес во Виница ќе бара позитивен резултат со цел излез од резултатската криза.
Во Тетово ќе се соочат Тетекс и Локомотива Пехчево во меч каде трите бодови за „штофарите“ живот значат кога е во прашање опстанокот.
Локомотива по добиените три службени бодови од дуелот со Беласица, кој воопшто и не се одигра и понатаму е на 12-тото место, но со 20 бодови на своето конто, а со триумф во Тетово може да го помине Кожуф на табелата и со 23 бодови да биде на 11-тото место и во таков случај клубот ќе направи сериозен исчекор за директен опстанок.
Пораз и реми не е опција за Тетекс, бидејќи во таков случај ќе остане и понатаму „закован“ на претпоследното место на табелата, па мислите на „штофарите“ се насочени кон само четврти сезонски триумф на својот дваесети натпревар во тековната сезона.
Со три бода Тетекс може да избие на 14-тото место, односно да ја помине Слога на табелата, но за такво нешто, покрај победа, Тетекс ќе мора да се надева и на пораз на Слога на домашен терен од Беса.