За скоро нема да има детска градинка во населбата Пребег, реализацијата се одложува

За детска градинка во штипската населба Пребег ќе мора уште да се чека. Проектот не се целосно поништува, ама се одложува, велат од Општина Штип. Проблемите се појавиле кога на просторот чија експропријација требаше да се изврши, со новиот Генерален урбанистички план се утврдило дека поминува сообраќајница.

„Откако на 31.12. се усвои ГУП, се утврди дека таму минува сообраќајница, којашто, се разбира, претставува проблем за реализација на таа градинка. Во моментов веќе Одделението за урбанизам се подготвува за нова планска документација со којашто градинката повторно ќе биде на таа локација, во тој опфат, односно во населба Пребег, меѓутоа на друга локација за да се избегне сообраќајницата, којашто минува таму“, истакна Вишна Шорова-Ангелова, сектретар на Општина Штип.

Постапката за експропријација на земјиштето веќе била во напредна фаза, но кочницата се ставила пред неколку дена, кога Општина Штип рекла дека земјиштето нема да го купува. Сега за населбата да добие детска градинка ќе мора да се изготви нов проект и постапката повторно да се спроведе согласно со истиот.

„Од страна на граѓани до нас пристигна записник дека веќе е извршена проценка и решенија со коишто ќе се преземе земјиштето, односно ќе се изврши експропријација за да пред некој ден дојде до сопирање на постапката. Постапката е започната по Нова година и веќе е во напредна фаза“, истакна Маријана Рогожарска-Поповска, координатор на советничка група на СДСМ и коалицијата.

„Од сето ова што го кажавме, може да заклучиме дека Општина Штип беше мошне сериозна во реализација на овој проект, односно да изградиме детска градинка во населба Пребег и од тие причини постапката веќе беше во напредна фаза“, додаде Шорова-Ангелова.

За експропријација на земјиштето Општина Штип имаше предвидено 5.000.000 денари во Буџетот за 2023 година, но дел од нив прераспредели со поништувањето на постапката. Детска градинка меѓу населбите Пребег и Железничка е долгонајавуван проект на сегашната локална власт.

Ребека Спасова М-Нет