
Денес беше комплетирано првото пролетно коло од Третата македонска фудбалска лига – Север, кое беше отворено вчера со убедливата победа на Форутна над ССК Нова од 6:0.
На стартот од пролетниот дел, а во рамки на 12-тата рунда екипата на БВК Коњаре која цели кон бараж за Втора лига се „лизна“, откако загуби на гостувањето во Слупчане кај Беса Влазрими со 3:1.
Во првиот дел паднаа три погодоци, а домаќинот два пати доаѓаше во водство. Резултатот то отвори Беса Влазрими во 9. минута од мечот со голот на Локман Шабани. Радоста траеше до 22. минута кога Адем Аџами постигна гол за 1:1, но само по една минута игра домашниот состав преку Мерван Фетаи стигна до ново водство од 2:1.
Во вторито дел Амир Бајрами погоди за водство од 3:1, а до крајот на мечот овој резултат не се промени и стана конечен за осми сезонски триумф. Со ваквиот резултат БВК Коњаре ќе има негатива од три бода во однос на лидерот Башкими.
Кога сме кај лидерот Башкими, на стартот од пролетната полусезона некогашниот освојувач на Купот на Македонија со убедливи 0:6 го „здроби“ Илинден на гостински терен и на своето конто додаде три бода за вкупно 40 и со тоа останува осамен на врвот од табелата.
На полувреме резултатот беше 0:2, но во вториот дел гостите преку тотална доминација на теренот стигнаа до високи 0:6. Во листата на стрелци два погодоци запиша Егзон Азири, а по еден гол постигнаа Ељмедин Ќаили, Бесим Мустафи, Ндерим Џемаили и Ринор Исеини.
Петровец на домашен терен беше поразен со 0:3 од некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ. Гостите уште од првата минута имаа водство од 0:1 со голот на Ахмед Бакијов. На стартот од вториот дел Антониот Василев погоди за 0:2, а пак Андреј Блажевски ја потврди победата со гол за конечни 0:3.
Новиот и фузиран клуб Куманово со триумф од 2:1 против Риниа ја започна својата мисија за стабилен третолигаш и од следната сезона да напаѓа за пласман во Втора лига. Натпреварот беше решен во финишот на мечот, откако во првиот дел мрежите мируваа (0:0).
Домашниот тим на теренот во Доброшане прв стигна до водство од 1:0 со голот на Андреј Димиќ во 77. минута, а по три минути игра Леутрим Таири израмни на 1:1. Во 90. минута Андреј Јовановски го врати водството за Куманово и ја обезбеди победата за својот тим.
На дербито од дното на табелата помеѓу Раштак и Волково беа постигнати пет погодоци, а трите бодови останаа дома, откако Раштак со 3:2 беше подобар противник.
Во првиот дел падна еден погодок, стрелец беше Виктор Петровски за водство на домашниот тим на полувреме од 1:0. Во вториот дел Ѓорѓи Трпковски ја дуплираше предноста на 2:0, а гостите преку Андреј Најдовски и Марио Спировски стигнаа до 2:2 и во финишот од мечот влегоа во рамноправна борба за трите бодови.
Сепак, Ненад Вељовиќ се покажа како херој за домашниот тим откако погоди во 88. минута за конечни 3:2.
Ланскиот второлигаш Кадино со 2:1 го доби Башкими Љуботен на домашен терен. Кадино триумфот го обезбеди во финишот од мечот, а стрелци беа Ѓорги Малов и Давид Стојковски, додека пак за гостите единствен стрелец беше Еркан Фетаи.
Аеродром лесно прокнижи три бода во дуелот со Маџари Солидарност кој го доби со 3:0. Кристијан Апостоловски уште во 3. минута го отвори резултатот, а Леонид Филиповски беше двоен стрелец за конечни 3:0.
- ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – СЕВЕР:
