
Студентите од Факултетот за туризам и бизнис логистика во Штип денеска имаа можност да слушаат предавање на тема „Права на интелектуална сопственост и географската ознака во областа на културниот туризам и културното наследство“. Настанот е во организација на Македонската развојна фондација за претпријатија, каде главната цел е да се прикажат придобивките од примената на интелектуалната сопственост во овој сектор.
„Со овој настан сакаме да ја потенцираме важноста како интелектуалната сопственост може да се примени во овие сектори со цел да донесе заштита на производите и услугите кои се нудат во овие сектори, но и да донесе одредени економски придобивки преку нејзина експлоатација“, истакна Смилјановски.
Пример за ваква заштита е охридскиот бисер, но Смилјановски вели дека земјава изобилува со вакви примери. На денешниот настан беа презентирани четири барања на производи за заштита, меѓу кои се преспанското јаболко и охридската цреша.
„Во Македонија има многу примери од секторот туризам, но и културно наследство коишто можат и те како да се заштитат директно или индиректно. Пластичен пример е охридскиот бисер којшто е заштитен како трговска марка со ознаката на потеклото. Дополнително, имаме доста земјоделски, прехранбени производи, коишто може да се заштитат, пример е преспанското јаболче, охридската цреша“

Претставниците Фондацијата со денешниов настан се обидоа да инспирираат и поттикнат што поголем број студенти да вложуваат во развој на нови знаења и вештини во посочениот сектор.
„Предавањето е пред сѐ наменето за студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика во Штип. Денес сме тука, а планираме да одржиме и други вакви предавања на другите факултети, пред сѐ за чинители што се од секторот туризам, културен туризам и културно наследство за да ги запознаеме со темата, бидејќи познавањето е многу ниско за оваа тема, како и за придобивките коишто може да ги донесе во иднина во однос на тоа како да го извлечат максимумот од она што го продаваат, од нивните производи, од нивните услуги и да ги заштитат истите како автентични“
Настанот беше во насока да ги прошири погледите во однос на можностите кои стојат на располагање во делот на заштита на нивната интелектуална сопственост. Беше претставена и програма финансирана од Европската унија, која нуди пристап до материјали и можности, а зад која стои стратешко партнерство од пет европски организации од Македонија, Германија, Шпанија, Бугарија и Романија.
Ребека Спасова М-Нет