ОК ВМРО-ДПМНЕ: Пробиштип плаќа најскапа вода во регионот Ристовски: Цената е од Регулаторна

Неспособноста и незнаењето на СДСМ да ги менаџираат институциите ги плаќаат граѓаните и тоа скапо ги чини, велат на прес-конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ во Пробиштип. Пример за тоа е водата која, според нив, пробиштипјани ја плаќаат најскапо во регионот и покрај тоа што во непосредна близина се наоѓа браната Кнежево. Постапувањето, велат тие, е вторпат за шест месеца.

„За само шест по втор пат е покачена цената водата во Пробиштип.Овојпат жителите на Пробиштип плаќаат поскапа вода за 2 денари а жителите на Злетово за 5 денари за m³. Вкупно само за половина година цената на водата во Пробиштип е покачена за фантастични 11 денари и сега изнесува 42 денари по m³. Иако во непосредна близина се наоѓа браната Кнежево, пробиштипјани пијат најскапа вода во регионот. Само за споредба во општините што користат вода од Хидросистемот Злетовица, цената на водата во Свети Николе изнесува 38 денари по m³ a во Штип 36 денари. Во останатите општини цената на водата во Карбинци е 33 денари, во Крива Паланка 26 денари а во Кратово само 17 денари по m³. СДСМ иако ветуваше дека нема да ги зголемува давачките и даноците на граѓаните, сведоци сме дека го прави токму спротивното.“ – велат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Пробиштип.

Директорот на ЈКП „Никола Карев“ од Пробиштип, пак, за обвинувањата тврди дека најскапа вода во регионов Пробиштип нема. Цената, вели, ја одредува Регулаторната комисија, а тие само доставуваат податоци за работата на претпријатието.

„Со оглед на тоа дека цената за метар кубен вода ја формира Регулаторна комисија, ние како Јавно претпријатие сме должни секоја година до Регулаторна да оставиме податоци од коишто тие ја формираат цената. За обвинувањата дека имаме најголема цена, можам да кажам дека во регионот има општини каде цената за водата на метар кубен е повисока“, вели Драган Ристовски, директор на ЈКП „Никола Карев“ – Пробиштип.

На веб-страницата на Јавното комунално претпријатие може да се види и Решение кое ја утврдува цената на водата во Пробиштип во периодот од 2021 до 2023 година, а Ристовски потенцира дека цената не е највисока во регионот.

Ребека Спасова М-Нет