Мицкоски на посета во Свети Николе, вели – успешно се работи и покрај пречките од власта

Активноста „Промените на дело“ претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ја реализираше во Свети Николе. При денешниот увид на градежни активности тој посочи на успешната работа на општинските власти и покрај секојдневните опструкции на централната власт. Мицкоски вели дека тоа ќе биде за кратко, па што вистински можат ќе покажеле во последните години од мандатот на градоначалниците.

„Се соочуваме со Влада којашто онаму каде што нивните кандидати за градоначалници катастрофално изгубија, се однесува насилнички, ги бојкотира, ги кочи. Го кочи развојот на тие општини каде што има градоначалници на ВМРО – ДПМНЕ, но уште кратко време. И тоа ќе заврши и ќе можеме и во последните години од мандатот на градоначалниците да покажеме колку можело, а не било направено и од страна на нивните претходници, градоначалниците СДСМ, но и од Владата на ДУИ поддржана од СДСМ во изминатиов период. Покажуваме дека не сме сите исти, туку многу сме различни“, вели Мицкоски.

При денешната посета Мицкоски и градоначалникот Владев ја увидоа работата на улиците „Октомвриска“ и „Кочо Рацин“. Овој потег опфаќа четири улици кои беа со коцка, поради што жителите имаа проблем и со водоводната мрежа.

„Еве, сега точно разговарав со изведувачот. Тој ме уверува дека оваа работа ќе биде завршена за 10 – 15 дена. Професионално ќе работат, имат ставено триесетина сантиметри тампон, а потоа ќе бидат ставени два слоја асфалт, првиот седум сантиметри и уште пет вториот слој. Пред неколку дена асфалтиравме и две улици во с. Црнилиште“, истакна Владев.

Владев најави реконструкција на улици во Амзабегово и четири улици на Сопотски пат. Вели дека реализиран е 85% од буџетот, а од денес започнуваат и со креирање на програмата за 2024 година.

Ребека Спасова М-Нет