
Можно враќање на дневна евтина струја од 1 јули најави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. Со оглед на тоа што Регулаторна сама го носи тарифниот систем, Бислимоски вели дека сега се прават анализи дали од економска гледна точка е возможно да се врати евтината струја во текот на денот. Тој посочи дека таква промена би се случила на 1 јули, кога и вообичаено се прават промени на цените на енергетските услуги.
„Сега треба да видиме колкаво ќе биде домашното производство на струја, а според најавите на ЕСМ ќе биде зголемена за барем 10 отсто. Го анализираме и фактот што имаме голем број изградени фотоволтаици кои се главно изградени на големите компании. И третиот момент е што цената на електрична енергија кога произведуваат фотоволтаиците е поевтина отколку во останатиот дел од денот. Тој тренд во лето ќе продолжи па и тој елемент го анализираме.“ – истакна Бислимоски.
Бислимоски вели дека од тоа најголема придобивка ќе имаат пензионерите кои се дома и кои многу внимаваат на тоа како се троши струјата. Штипјани, пак, согласни со ова – дневната евтина струја треба да се врати под итно, бидејќи сега повеќето домашни обврски се приморани да ги завршуваат по 22:00 часот или во недела.
Бислимоски вели дека во периодот кога електричната енергија беше најскапа, поради фотоволтаиците имавме најевтина струја, па од истата причина можно е да се врати и дневната евтина. Евтината струја секој ден го чинеше ЕСМ 16 милиони евра годишно.
Ребека Спасова М-Нет