Шкупи ја доби дерби-пресметката со Шкендија, реми за Брегалница, “пандевци” до три бода!

Денес со натпреварите од 19. коло започна неизвесната пролетна полусезона во Првата македонска фудбалска лига.

На сите пет натпревари по првите 45 минути беа постигнати само три погодоци во Прилеп, Тиквеш и Кичево што беше увертира за сиромашно коло од аспект на постигнати голови.

Стартот од пролетниот дел донесе дерби пресметка во Кичево помеѓу Шкупи и Шкендија, која заврши со триумф за шампионот од 2:0 пред празни трибини.

Во првиот дел во Кичево се редеа шанси и на двете страни, но немаше реализација, сè до 36. минута кога Фреди Алварез со топовски шут ја стресе мрежата на Шкендија за 1:0.

Во вториот дел Шкендија правеше притисок за брз гол со цел да се врати во егал борба, но актуелниот шампион Шкупи во финишот преку Трапановски стигна до предност од 2:0 со што ги реши сите делеми за трите бодови. За Трапановски ова беше петти гол во сезоната.

Шкупи го искористи “киксот” на лидерот Струга и намали на само еден бод негатива со тоа што “гулабите” имаат меч помалку.

Брегалница на Градскиот стадион во Штип пред домашната публика пролетниот дел го отвори со реми без голови 0:0 во неизвесниот и тежок меч против Скопје. Новиот тренер Горан Здравков денес го имаше своето официјално деби на клупата на „сините“, откако клубот го превзеде по завршувањето на есенскиот дел.

Брегалница беше благ фаворит, но не успеа да го скрши отпорот на “пиратите” од Автокоманда. Поделба на пленот за двете екипи е исходот во Штип.

Дуелот во Ѓорче помеѓу Македонија ЃП и „ремонтираната“ Академија Пандев заврши со триумф од 0:1 за “пандевци”, кои во Струмица носат три бода со кои излегоа од бараж зоната, користејќи го поразот на Победа.

Стрелец во Ѓорче за Академија Пандев беше новото засилување од Грузија, Микеил Ергемлиџе.

Победа со пораз тргна во пролетниот дел, откако дома загуби од Работнички со 0:2 и ќе има тешка задача да обезбеди директен опстанок, а по денешниот пораз се спушти во бараж зоната за опстанок.

На Градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп прв до рано водство дојде Работнички со голот на Ѓуриќ, а во вториот дел со ефектен гол Велкоски погоди за конечни 0:2.

Струга се намачи во Кавадарци и се спаси од пораз, откако одигра 1:1 со Тиквеш.

Кавадарчани први стигнаа до водство со голот на Мишов во финишот на првиот дел. Во вториот дел стружани преку Кочоски израмнија на 1:1 со гол од слободен удар.

Во првото пролетно коло слободна беше екипата на Силекс од Кратово.

Цела табела од Прва лига: