
Најмалку 20 минути за да се пробиете низ центарот и уште барем толку за да најдете паркинг-место. Ова е времето кое ќе ви биде потребно ако излезете во центарот на Штип или ако од друг град доаѓате овде. Во вечерните часови, можеби, сликата и не е иста, ама во работен ден барем помеѓу 13 и 16 часот речиси и да не е можно да се соочите со нешто помалку страшна слика. Граѓаните сведочат за ваквата секојдневна неможност да се справат со градскиот сообраќаен метеж, а освен возачите, за тоа говорат и пешаците.
Проблемот со паркирањето Општина Штип планира да го реши со изградба на катни гаражи на три локации во градот. Минатата година се работеше на подготвување соодветна документација, промена на деталниот урбанистички план и изработка на проект, а пред неколку дена градоначалникот Јорданов ги најави како дел од проектите за 2023 година.
„Проблемот со паркирањето почнуваме да го решаваме со изградба на катни гаражи на две и повеќе нивоа веднаш позади Домот на културата, веднаш до стоковна куќа „Нама“ и до зграда „Промаја““, истакна Јорданов при презентацијата на проекти за 2023 година.
За проектот зелено светло дадоа и граѓаните, но велат дека треба да се реализира час поскоро за решавање на проблемот во сообраќајот во Штип.
Во оваа насока, за полесен и побрз проток на возила во дел од градот се реализираше и проектот за конзоли на река Отиња, а истиот ќе продолжи и оваа година долж двете централни улици во градот, улиците „Васил Главинов“ и „Маршал Тито“.
Ребека Спасова М-Нет