Фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица слави еден век постоење

Фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица слави еден век постоење од своето формирање.

По повод 100 годишнината од формирањето (регистрирање) на спортското друштво Тиверија, управниот одбор на клубот донесе одлука да се формира Организационен Одбор за прослава на 100 годишнината на клубот. Организациониот одбор се формира се со цел да не се изостави ниту еден поранешен фудбалер, тренер, функционер и помагател кој оставил макар и мал белег во 100 годишната историја на клубот. Централната прослава е предвидена за крајот на месец Мај со целодневна програма и одигрување на ревијален натпревар на ветераните на ФК Тиверија.

Инаку Спортското друштво Тиверија со активности започнува две години порано односно во 1921 година, но тогашните српски власти ја попречувале и отежнувале работата со оглед на тоа што иницијаторите за формирање на клубот биле членови на тогашното работничко движење, па така клубот официјално е регистриран на 13-ти Февруари 1923 година.

Како основачи на Тиверија се спомнуваат: Љамо Џатев, Благој Карабакочев-Барбата, Ристо Заев-Зајакот, Мито Маџиров, Ристо Вртев-Сликарот, Глигор Дрваров и Ѓорги Тангачев. За секретар на клубот бил избран Борис Нецев.

Интересно е што на своето прво гостување во Солун 1924 година фудбалерите патувале со запрежни коли.

Името на клубот низ годините останало исто и никогаш не се менувало. Потекнува од старото име на градот Струмица кој во римскиот период се среќава под името Тивериопол. Во средниот век градот имал две имиња. Едното било Тивериопол кое се употребувало во византиската администрација и во христијанската црковна традиција, а второто било денешното име Струмица кое го употребувале Словените.

Првите натпревари

Во првите неколку години по формирањето фудбалерите на Тиверија играле натпревари со месниот соперник Беласица, со Кожуф од Гевгелија формиран 1923 година, Брегалница од Штип формирана 1921, а подоцна и со новоформираните клубови Брегалница од Делчево, Овче Поле од Свети Николе, Слога од Виница, Плачковица од Радовиш, Малеш од Берово и други.

Сепак највозбудливи и најинтересни натпревари биле оние со Беласица на кои секогаш присуствувале и по неколку илјади гледачи, независно дали биле првенствени или пријателски.