ВИДЕО: Кошаркарите на Струмица со нов висок пораз на гостувањето кај Феникс 2010

Кошаркарите на Струмица вечерва претрпеа нов висок пораз, откако на гостувањето кај Феникс 2010 во рамки на 14. коло од Првата кошаркарска лига беа поразени со резултат од 85:71.

Стартот на натпреварот беше катастрофален за Струмица, која првата четвртина ја загуби со високи 30:11. Во втората четвртина Струмица ја стабилизира играта и беше подобра, на почеток резултатски беше израмнето. Во еден момент кога беше побаран тајм-аут, резултатот беше 9:10 во втората четвртина за Струмица. По тајм-аутот продолжи неизвесната игра, а Струмица успеа да ја стабилизира играта и во продолжението и втората четвртина ја доби со 15:21 за на полувреме резултатот да биде 45:32 за домаќинот Феникс 2010.

Ваквиот резултат даваше најава дека во второто полувреме ќе гледаме неизвесен натпревар кога е во прашање освојувањето на целиот „плен“.

Третата четвртина започна со израмнета „борба“ на терен, но на крај истата му припадна на домаќинот со резултат од 23:19. Последната четвртина донесе голема возбуда и неизвесност. Иако истата им припадна на струмичани со 17:20, сепак, тоа не беше доволно за триумф, најмногу поради слабиот старт и лошата прва четвртина.

Конечниот резултат беше 85:71 во полза на екипата на Феникс 2010 со што Струмица претрпе нов пораз во прволигашкото друштво и останова „закована“ на дното од табелата.

Феникс 2010 е на високото четврто место со 23 бодови колку што има и третопласираниот ТФТ Скопје, додека пак Струмица е последна со 16 бодови.

Во следното коло Феникс 2010 ќе гостува кај Куманово, а пак Струмица ќе биде домаќин на лидерот Пелистер.