Тренчевска: Платите и пензиите ќе растат во март, пензионерите покачување ќе добијат и во септември

Со промоција на сработеното во 2022 година и презентација на плановите во 2023 година, министерката Тренчевска на панел-дискусија. Посочи на законското решение за недела – неработен ден, како и покачувањето на минималната плата на 18.000 денари, но и потенцираше дека нов раст на минималецот ќе има во месец март годинава.

„Она што е важно, воспоставивме систем за раст на минималната плата и нема да зависи ниту од политичката волја на Владата, ниту од министерот за труд и социјална политика, туку едноставно имаме систем што значи постојан раст на платите согласно со новата методологија, така што во март очекуваме новата минимална плата да порасне за над 2.000 денари, односно да биде над 20.000 денари“, истакна Тренчевска.

Освен на платите, Тренчевска најавува и раст на пензиите, и тоа во март и во септември. Според неа, со усогласувањето, кога пензиите ќе пораснат во септември, ќе имаме зголемување од 20% за година и шест месеци, што никогаш досега се немало случено. Дополнително, посочи дека пензионерите беа вклучени и во финансиската поддршка во време на економско-енергетска криза. Покрај паричната помош од 3.000 денари, пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари се дел и од последниот пакет антикризни мерки.

„Дури и во услови кога нема да имаме толку голема инфлација како во моментот, а просечната плата ќе расте постојано, и тогаш ќе растат пензиите. Очекуваме во март пензиите да бидат покачени некаде најмалку 5%. Значи за неполна година, во период од 12 месеца, имаме покачување на пензиите од 16%, што никогаш досега не се случило

Во рамки на дводневната конфенција на Владата, „Година на нови можности“, Тренчевска посочи и дека е потпишан Договор за изведба со кој ќе се спроведе трансформација и адаптација на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје во модерен рехабилитациски сервис и кој ќе обезбедува најразлични видови на индивидуализирани услуги за децата со попреченост.

Ребека Спасова М-Нет