„Македонија пат“ подготвени за врнежите од снег со механизација, ама не и со доволно вработени

Снегот утринава присутен во сите општини од Истокот. Бела покривка по коловозите нема, а Јавното претпријатие „Македонија пат“ уште пред три месеца е подготвено да интервенира во случај на врнежи од снег. Од вчеравечер на терен машини има на патот од Кочани кон Пониква, граничниот премин кај Делчево, како и на останатите патни правци се до Неготино. Проблеми за сега во одвивањето на сообраќајот нема.

„Македонија пат е подготвена од 3 ноември минатата година. Од вчера вечерта се реагира на сите патни правци од Берово до Штип и патот кон Неготино. Моментално имаме врнежи од снег, ама снегот не се задржува на коловозите, а возилата се итотака на терен превентивно да се опесочат патиштата за да немаме проблеми при одвивање на сообраќајот.“ – вели Цоневски.

Механизацијата е обновена и повеќе од доволна за да се реагира и да се чисти снегот каде што има потреба, има доволни количини и на сол и ризла, ама проблем се вработените. Според Цоневски недостиг има во сите профили, бидејќи се соочуваат со природен одлив на вработени, а висока е и старосната граница.

„Механизација има доволно и повеќе од доволно, имаме и ново набавена механизација и постара механизација, механизација и од трети лица така да со механизација и абразивни материјали сме доволно обезбедени. Возила имаме повеќе од 40 камиони, машини имаме повеќе од 15, материјали секој пунк има сол, ризла, доволни количини. Вработени малку помалку имаме, има придроден одлив по однос на пензионирање, некој смртен случај, ни недостасуваат сите профили, старосната граница ни е висока, се снаоѓаме како знаеме и умееме.“ – додава Цоневски.

Денешните врнежи од снег не се ниту изненадувачки, ниту за сега опасни, велат од Македонија пат. Но, додават дека тие се подготвени да реагираат веднаш и на тој начин сообраќајот по патишата да се одвива непречено.

Лаура Стојанова М-Нет