
А подготвени за првите врнежи од снег се и надлежните во Општина Штип. Новиот директор на ЈП Стипион, Кирил Зајков утринава направил обиколка, и истакна дека механизација има доволно, исто како и песок и сол. Доколку дојде до пообилни врнежи од снег ќе се користи и механизација на економски оператор со кој имаат склучено договор.
„Како што гледаме и самите врнежите од снег престануваат, но тоа не значи дека ЈП Стипион не е подготвено. Утринава бев на лице место во просториите на Јавното претпријатие каде се стационирани нашата механизација со која се справуваме во ситуации на поголеми наноси на снег, како и подготвеноста на нашите екипи во случај доколку температурите во текот на денот или ноќта падна на температура која би можела да го загрози учеството во сообраќајот. Имаме доволно количина на песок и сол“ – вели Зајков.
Подготвена е и дежурната екипа која се активира само кога врне снег. Екипи на зимска служба на ЈП Стипион работат на расчистување на улиците и коловозите, додека машини од ЈП Исар ќе се користат за чистење на тротоари доколку за тоа има потреба.
„Имаме дежурна екипа која се активира само за време на врнежи на снег, наречена зимска служба. Зимската служба е во полна подготвеност и екипираност и истата ги следи приликите на терен. Доколку дојде до поголеми врнежи од снег машините кои стојат на располагање од ЈП Исар, а согласно програмата за одржување на зимски услови, нивна обврска ќе биде чистењето на тротоарите и на пешачките предели“ – додава Зајков.
Чистењето на патните правци се врши по приоритет, вели Зајков, со што централното градско подрачје, патот кон Клиничка болница Штип и потоа сите улици се оспособуваат за сообраќај.
Лаура Стојанова М-Нет