Поплавени неколку семејства во населба Осми Ноември во Штип, екипи на ЈП Стипион на терен

Вода речиси до влезната врата утринава ги разбуди семејставата Демириови во штипската населба Осми Ноември. Дождот од ноќеска и небетонираниот простор пред нивните куќи придонесоа водата да се собере пред домовите и за малку да не ги поплави. Пред камерите на М-Нет телевизија велат дека овој проблем стои веќе една година, практично откако се направи новиот паркинг простор во оваа населба. Додаваат дека надлежните ветиле оти проблемот ќе се реши ама до ден денес сѐ уште нема ништо.

„Од кога се направи овоа паркингот веќе има една година, ова го направија сѐ убаво, ветија дека кога ќе заврши ќе се направи и овој нашиот дел. Сабајле станувам гледам пола метро вода тука, не можат внучињата на школо да одат, не е овоа едншка или двапати.“ – вели Демиров.

Просоторот пред нивните домови претходно бил бетониран, но со паркинг просторот бетонот бил отстранет од страна на надлежните. Сега е замја и вистински проблем. Демирови реагирале до надлежните, ама освен ветување не добиле конкретно решавање на проблемот.

„Имавме порано, бетонирано беше, ама ископаа го ветија дека ќе го направат и така остана, не ни дојдоа тука веќе.“ – додава Демиров.

Екипи на ЈП Стипион излегоа на терен и го лоцираа проблемот. Директорот Кирил Зајков во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочи дека проблемот денеска ќе биде решен и семејствата од улица „Боро Арсов“ нема да се соочуваат со страв од поплава на нивните домови.

Лаура Стојанова М-Нет