
„Алкон текст“ е првиот случај на докажан лажен стечај во текстилната индустрија, ја објави претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, пресудата на Основниот суд во Штип. За случајот одредена е парична казна и условна казна. Пресудата сѐ уште не е правосилна, но по истата нема жалба, вели Ампева, а по правосилноста ќе се пренасочат кон граѓанска постапка за побарување на платите, придонесите и надоместоците на плата кои им се должат на околу триесетина работнички кои тие ги застапуваат.
„Поднесовме кривична пријава за предизвикување лажен стечај и други кривични обвиненија, кои на крајот беа избегнати со тоа што беше завршен тој стечај. Во декември минатата година, управителот на „Алконтекст“ ја призна вината дека предизвикал лажен стечај сѐ со цел да не се исплати ништо кон работниците. Повторно се променува име на фирма, се преземаат останатите работници, оние коишто останаа. Ова не е изолиран случај, ова се случува во приватниот сектор, ова се случува со промена на имиња на фирми во еден ист објект, меѓутоа, за жал, немало кој да започне, кој да се спротистави. Можеме да се пофалиме дека имаме ептен редок случај на докажан лажен стечај, мислам дека и прв во текстилна индустрија“, истакна Ампева.
Обештетувањата кај работничките се со различна висина, вели Ампева, а на некои од работниците отпремнината е и во висина од 2500 до 3000 евра. „Гласен текстилец“ размислува да поднесе постапка и против стечајната управителка, која имала увид во документацијата на компанијата. Сепак, вели Ампева, решението за да се редуцираат ваквите малверзации и нехуманиот третман на работниците е во законски промени и пораст на висината на казните за работодавачите.
„Тоа што го зборувавме: казните се мали, глобите се премали. Работодавачите едноставно како да имаат бенефит да бидат казнети со 100 – 200 евра отколку да пуштат плати и придонеси и да ги почитуваат работничките права. Тоа беше истакнато и од страна на директорката на Трудов инспекторат, која рече дека за вакви дела во новиот закон ќе има посебни одредби и казните нема да бидат мали“, додава Ампева.
Според Ампева и „Гласен текстилец“ ова е позитивна пракса на ОЈО и Судот во Штип и сериозен напредок во борбата за работнички права, а компанијата е пример како не треба да се работи.
Ребека Спасова М-Нет