Средба на акцијаши-волонтери во Штип, целта – да се заокружи четиригодишното работење

Доделување на признанија на акцијаши-волонтери, презентација на активности и нивна понатамошна реализација се само дел од активностите на претстојната средба на акцијаши-волонтери која ќе се одржи на 25 јануари, во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип, со почеток од 18:00 часот. Средбата носи наслов „Позитивното да не се заборави“.

„По четиригодишното активно работење на планот на еколошките активности во градот, одлучивме да направиме една средба на сите акцијаши-волонтери во Штип кои во минатото биле акцијаши во Југославија и на Плачковица, на која ќе ги презентираме сите досегашни активни, ќе ја презентираме нашата програма за оваа година и ќе доделиме признанија на оние кои во меѓувреме ги заслужиле. Меѓу другото, ќе се договориме и за натамошните активности“, вели Никола Кангалов, претседател на Здружение на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“.

Изминатото четиригодишно работење, вели Кангалов, било насочено во областа на екологијата, а во активностите учество зеле и други чинители во општеството.

„Нашите активности беа насочени кон еколошко работење во однос на уредувањето на животната средина во нашите средини, во населбите: Сењак, Осми ноември, Кумлак, Три чешми, Карбинци… Сите овие четири години ние ги одржавме тие активности по неколкупати во тие населби и таму освен членовите на Здружението, учество зедоа и активисти од повеќе невладини организации од градот, извидници, планинари, АРМ, Црвен крст и самото население во тие населби“, додава Кангалов.

Активностите на Здружението „Пат на младоста“ се реализираат и во координација со други здруженија на ниво на државата, но и со акцијаши-волонтери надвор од земјава. Станува збор за двонасочна соработка во која посети се реализираат и од други земји во Македонија.

„Инаку, во меѓувреме ние учествувавме и на акции кои се организираа во сродни наши здруженија во Велес, Битола, Куманово, Скопје. Ние постоиме и како Сојуз на акцијаши-волонтери на ниво на Македонија и заеднички работиме на тие активности. Освен во Македонија, ние контактираме и со слични здруженија во Србија, Босна, Словенија“, додава Кангалов.

Здружението официјално брои 100 запишани членови, но во моментов активни се триесетина.

Ребека Спасова М-Нет