
Летоци на финансиски друштва или „отворена покана“ за земање брз кредит осамнуваат во поштенските сандачиња на станари во штипски згради. Дел во сандачињата, друг дел расфлани на подот, реагираат граѓани. Ваквите рекламни материјали не се првпат проблем за штипјани, бидејќи претходно расфрлани летоци можеа да се најдат и по улиците, па поради ова како се дејствува прашавме во комуналната инспекција при Општина Штип. Комуналниот инспектор, Борче Везенков, вели оти забрана за рекламирање од нив нема и не може да има. Единствено, тие го контролираат тоа што е во нивна надлежност, односно нарушувањето на комуналната хигиена.
„Забрана за рекламирање кај нас нема, само доколку се рекламира некое финансиско друштво или приватна компанија, не смее да прави ѓубре со рекламните материјали. Ние апелираме летоци да не се ставаат околу станбените згради и на јавни површини со цел да не се создава отпад и да се зачуваат чисти јавните површини.“ – истакна комуналниот инспектор, Борче Везенков, во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.
Ребека Спасова М-Нет