Коњи дефилираа во Берово – атракција за жителите, продолжување традиција за организаторите

Околу 15 коњи на празникот Василица дефилираа низ беровските улици. Настанот во Берово се одвива трета година по ред и оние кои чуваат коњи велат дека за нив е од огромно значење, па токму од таа причина на нивна иницијатива одлучиле да организираат вакво дефиле токму на празникот. Велат дека слична организација имаат и за други празници, а на Ѓурѓовден доаѓаат гости од повеќе градови во земјава.

„Празник Василица, убав ден, убав празник. Нека знаат сите во Берово дека чуваат стока за здравје, со сите коњи што има ѕвончиња ги истеруваме сите лоши работи од нашиот град. Малку ги шетаме коњите низ Берово да видат дека чуваме стока“, вели Сенад Џиндаров.

„Одлучивме ова да е традиционално, ова е трета година по ред. Дефилираме со коњите низ градот, имаме и траиција за Водици, за Ѓурѓовден исто“, вели Јунус Сулејмановски.

Од ваквиот настан беа задоволни и беровчани. Велат, дека настанот треба да продолжи да се организира и да прерасне во долгогодишна традиција.

Во Берово голем број од жителите се љубители и сопственици на коњи. Повеќето од нив ја продолжуваат традицијата на нивните предци кои исто така чувале коњи. Велат дека за оној кој е љубител на животни, нема да биде тешко да го одгледуваат животното.

Ребека Спасова М-Нет