
Ученици од средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип се вакцинирале за учество на Еразмус-програма во Шпанија, па раководството на училиштето изготвило нов список. Проектот „Чекор по чекор“ финансиски поддржан и спроведуван во рамки на програмата Еразмус+ првично требаше да се реализира во периодот од 6 до 27 април 2022 година и за таа цел училиштето на 14 февруари 2022 распиша Конкурс за аплицирање за учество. Конкурсот ги опфаќаше учениците од втора и трета година кои се на насоките медицинска сестра и физотерапевтски техничар. На 28 февруари и 1 март апликантите беа повикани на интервју, а на 3 март 2022 година училиштето ја објави конечната листа од 24 ученика. Но истите мораа да го исполнат и условот за влез во Шпанија и учество на проектот, што е вакцинирање со вакцина против Ковид-19. И покрај целиот процес и тоа што учениците се вакцинирале, смената на локалната власт и новото раководство на училиштето донело нов список на ученици, кој беше објавен на 7 декември 2022 година. Списокот не е потполно изменет, бидејќи дел од учениците кои требало да заминат претходно се избрани и сега, ама учениците веќе не треба да го исполнуваат условот за вакцинирање. Со тоа, родители реагираат дека десетина малолетни ученици претходно биле вакцинирани против Ковид – 19 со вакцина на „Фајзер“, која беше одобрена за малолетници, за да заминат на Еразмус, а сега се отпишани.
Директорката, Марија Николиќ, потврди дека нов список има, а постапката е согласно со Правилникот од Договорот за грант, образложен за проектната документација. Пропусти имало во претходната постапка, а за вакцинирањето посочува прашањето да се постави до претходниот директор и координаторот на проектот.
„По направениот контролен увид од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност биле утврдени одредени пропусти во постапката на селекција на кандидати/учесници. Притоа Агенцијата изготвила Извештај со кој го задолжила директорот и координаторот на проектот да постапат по истиот. Во месец мај го преземам задолжувањето согласно со Извештајот од месеџц мај. Новата постапка е строго контролирана од Агенцијата со цел да се избегнат претходно направените пропусти. Во врска со вакцинирањето на учениците ве молам ова прашање да го поставите на претходниот директор и координаторот на проектот.“
Инаку, станува збор за двонеделен проект преку кој учениците би биле вклучени во практична обука соодветна на нивниот образовен профил во Мадрид, Шпанија. Проектот се реализира во согласност со правилата од грантот за проектот „Чекор по чекор“ во рамките на Програмата на Европската Унија, кој е менаџиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Ребека Спасова М-Нет