Лани животот ни поскапел за 14%, граѓаните годинава очекуваат уште повисока инфлација

Празниците ги испразнија џебовите на граѓаните. Цените сѐ повисоки, а џебовите сѐ поплитки, велат штипјани. И по два месеца од најавите намалувања во маркетите не забележуваат, туку напротив наместа има и зголемувања. Освен на прехранбените производи, штипјани очекуваат и нови зголемувања на цените на горивата.

Новата 2023 година ќе биде уште полоша, песимистични се дел од граѓаните. Повисока инфлација, сигурно, ќе има, заклучуваат едни, други во неизвесност за економијата во тековната година, трети, пак, се надеваат оти инфлацијата ќе се намали барем до 9%.

Според Државниот завод за статистика, животот минатата година поскапел за 14%. Колку за споредба, во 2021 година земјава имала стапка на инфлација од само 3,2%. Ако се споредат ноември и декември минатата година, трошоците за само еден месец се намалиле за 0,2%. Најголемо поскапување има кај храната и пијалоците и тоа за над 20%, а огромно зголемување има кај транспортот и тоа за 19,5%.

Ребека Спасова М-Нет