Бадниково гранче за среќа и бериќет во домот, дедо Дане од Штип го собира и го нуди на граѓаните

Бадниково гранче или отсечено дабово гранче, според традициите е составен дел од секое домаќинство за време на бадниковата трпеза. Под или на трпезата, во каминот или огништето бадниковото гранче се поставува бидејќи според страи верувања преставува симбол на здравје, среќа и бериќет во домот. Дедо Дане од Штип веќе неколку дена бадникови гранчиња продава во центарот на Штип. Ги собира вели од виските планински места и им ги нуди на граѓаните.

„Собираме ги од ридот горе од шумата. Важноста нивна е тоа е таканаречен Божиј симбол, ова гранче е прво запалено во пештерата кога го греат Исус и затоа ова гранче се слави како божји симбол. Секоја година дедо Стефан прв го осветува тоа гранче, иако сега го нема. Се зема за среќа и здравје, божја среќа и напредок во куќата.“ – вели дедо Дане.

Бадниковото гранче откако ќе преноќи во домовите на Божиќ се остава на дрво, разни овошки или цвеќе, додава дедо Дане. Значењето е големо и заради тоа ниту едно домаќинство за Бадник не се остава без бадниково гранче.

„Да речам дека редовно земаат, ретко кој не зема. Тоа се слави како еден божји симбол за здравје, среќа во куќа, радост, бидејќи Исус дошол со радост и затоа ова гранче се употребува. На Бадни вечер се става на вечерата на трпезата, а утрето кој има дрво во двор, лозница или крушка го ставаат на дрво.“- додава дедо Дане.

Традицијата на украсување на домот со бадниковото гранче се забележува уште од четврти век. Бадниковото гранче, кое го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Тоа е гранче од дабово дрво, а во дамнешните времиња овие дрвја се сметале за најиздржливи и за највековити. За разлика од другите листопадни дрва, со почетокот на есента листовите од дабот ја менуваат својата боја, но повеќето од нив се задржуваат на гранките во текот на зимата. Според народните верувања, токму со ова дрво праведниот Јосиф запалил оган за да ги затопли штотуку родениот Исус и неговата мајка Марија.

Лаура Стојанова М-Нет