
Второлигашот Пелистер денес доби нов тренер, а на тренерското столче седнува досегашниот тренер на Победа, Бобан Бабунски.
Како што претходно објави телевизија М Нет, Бабунски си замина од Победа, а од денес ја превзема екипата на Пелистер, каде што за задача ќе има да обезбеди експресен кам-бек во елитата на Македонија.
Инаку, Пелистер и Секуловски шест месеци пред истекот на договорот спогодбено се разделуваат по една година помината заедно.
„Клубот му се заблагодарува на Секуловски и неговиот стручен штаб за професионалноста, посветеноста и стручноста во уште една прилика што излезе во пресрет на матичниот клуб“, велат од битолскиот второлигаш.
Новиот шеф на стручниот штаб на Пелистер, Бобан Бабунски се обврза на договор до јуни 2023 година со опција за продолжување на соработката за уште една сезона ако клубот избори промоција во Првата македонска фудбалска лига.
54-годишниот Бабунски е добро познато име, поранешен македонски и југословенски репрезентативец и селектор на сениорската и младинската репрезентација на Македонија. Во својата тренерска кариера ги водеше Вардар, Работнички и Победа.
Неговото претставување и почеток на подготовки е закажано за понеделник.