Се спроведува хуманитарната акција преку Бадникови поворки – Штип, собрани над 50 пакета

Околу 50 пакета со нерасиплива храна и уште толку детски пакетчиња и пакети со облека, хигиенски средства и играчки се резултатот од вчерашната хуманитарна активност преку Бадникови поворки – Штип. Донациите се собрани благодарение на хумани граѓани и штипската бизнис-заедница во текот на вчерашниот ден, во периодот од 08:00 до 16:00 часот, во дворот на црквата „Свети Никола“, а дистрибуцијата се спроведува во текот на денешниот ден.

„Пакетите се дистрибуираат денес до семејства на кои помошта им е неопходна. Тимот на Бадникови поворки – Штип веќе посети осум семејства од реонот на Свети Николе и Штип, а дистрибуцијата на пакетите продолжува и денес во општините Штип и Карбинци. Целта е за Бадник да израдуваме луѓе што живеат сами, самохрани родители, многудетни семејства или лица со ментален или телесен хендикеп, кои едноставно имаат потреба и живеат во немаштија. Не се водевме по веќе „готови“ списоци, туку секој посочуваше ранливо семејство од својата околина, од своето маало и опкружување“, истакна Верица Милорадова, активистка на Бадникови поворки – Штип.

Во рамки на овогодинешните активности утре ќе се реализира традиционалната Бадникова поворка, која ќе започне во 10:00 часот од црквата „Св. Никола“, а ќе се движи преку улицата „Маршал Тито“ до Градскиот плоштад. Во истата се поканети сите деца, младинци, родители и останати членови на нивните семејства со цел да се навести и шири Радосната вест – Христовото раѓање.

Ребека Спасова М-Нет