
Екстремно лош воздухот во Берово заради зголемени концентрации на ПМ честички, а во Кочани се карактеризира како „лош“. Ова се податоци од Европската агенција за животна средина, поради кои од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека некои поединци може да доживеат здравствени ефекти, додека оние кои припаѓаат на чувствителните групи може да доживеат посериозни здравствени ефекти. Како најчувствителни и под најголем ризик се деца помлади од пет години, постари граѓани над 65-годишна возраст, бремени жени, лица со хронични болести, пациенти со астма, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено и оние со постоечки респираторни проблеми. За беровчани препораките се следни.
„-Останете дома ако не треба да излегувате;
-Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото;
-Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност;
-Бремените жени треба да останат дома;
-Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност;
-Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација);
-Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено;
-Не ги отворајте прозорците во вашиот дом;
-Користете прочистувач на воздух без јонизатор (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени).“ – препорачуваат од ИЈЗ.
За кочанчани, пак, Институтот за јавно здравје препорачува зајакнување на имунолошкиот систем со конзумирање здрава храна, посета на матичен лекар или здравствена клиника ако не се чувствуваат добро, да се остане дома, да се намали напорната физичка активност, а бремените жени да останат во затворен простор. Исто така, ако треба, да се носат маски со докажана ефикасност.
За сите групи на население, од ИЈЗ велат дека доколку домот се загрева на дрва или фосилно гориво, изложеноста ќе биде значително повисока заради влошениот квалитет на воздухот во затворената просторија. Дополнително, посочуваат да се конзумира храна богата со витамини, како и да се консултира лекар при појава на негативни ефекти од загадувањето на воздухот.
Ребека Спасова М-Нет