
Универзитетот „Гоце Делчев“ не се откажува од парцелата кај старото нервно одделение во Штип. Надеж за изградба на „Студентски град“ сѐ уште има, вели ректорот, Дејан Мираковски. Тој посочува дека таму се разработуваат повеќе планови, но потенцира дека за реализација на еден таков проект треба поинтензивно и координирано да работат сите засегнати институции.
„Сега засега таму се разработуваат повеќе планови. Јас не мислам дека не може да има „Студентски град“ во Штип или некаква форма којашто ќе им овозможи сместување на студентите. Универзитетот континуирано го засилува присуството на странски студенти, верувам дека бројот и понатаму ќе расте. Верувам дека тоа е нешто на коешто заедно со Локалната самоуправа и Министерството за образование ќе треба да работиме поинтензивно во наредниот период. Сигурен сум дека ќе се најде модус да го искористиме тоа што е дадено на Универзитетот“, истакна Мираковски.
Ниту Општина Штип нема да ја земе парцелата. Напротив, градоначалникот Јорданов вели дека со Универзитетот се разговара како да се урбанизира тој дел од градот, но конкретни насоки сѐ уште немаат.
„Досега имаме искомуницирано со ректорот. Дефинитивно, станува збор за еден неискористен простор којшто има потреба од урбанизација. Ќе ги согледаме сите можни опции за да и ние како град иницираме да се урбанизира и разработи истата парцела. Формата и начинот на соработка, сепак, ќе оставам времето да ги дефинира. Веќе сме во фаза на разговори, така што наша цел е таму да се урбанизира просторот којшто во моментов е една грда и небезбедна слика за градот“, вели Јорданов.
Изградба на „Студентски град“ е проект осмислен уште пред десетина години, меѓутоа Министерството за образование и науки во неколку наврати напомена дека изградбата е скапа инвестиција. Додека да се реши што ќе се прави овде, старото нервно одделение останува дом на семејства, кои пред десетина години беа сместени овде откако Брегалница им ги однесе живеалиштата. За овој дел од градот да се преадаптира во урбана зона се планира изградбата на типски куќи во кои е планирано да бидат сместени овие семејства.
Ребека Спасова М-Нет