Улицата „Радански пат“ ќе се реконструира во првите три месеца од наредната година

Улицата „Радански пат“ ќе биде дел од преоктите за реконструкција наредната 2023 година. По подолг временски период како истата се наоѓа во лоша состојба, градоначалникот Јорданов свесен за потребата од нејзина реконструкција истакна дека очекува во првите три месеца од наредната година сите краци и главната улица да бидат бетонирани и асфалтирани.

„Главната улица која се притега од Черења до манастирот Света Недела е потребно да се реконструира, но најпрво ние сме веќе во фаза на асфалтирање и бетонирање на краците кои се веднаш над улицата, затоа што најголем дел од проблемите се создаваат кога имаме дождови, целата земја и кал од неасфалтираните улици кои се наоѓаат над главната улица се свлечува и создава проблеми на веќе асфалтираната. Ние мора темелно да ги решиме најпрво проблемите сите останати краци кои никогаш не биле асфалтирани и бетонирани да ги направиме и сме веќе во фаза на реализација“ – кажа Јорданов.

Ова следи откако граѓаните од ова место реагираа дека постојано газат во кал, ископани улици и дупки. Велат дека не паметат кога оваа улица претходно била реконстуирана.

„Овде јас како што паметам никогаш не се направени овие улици. Тоа е чудо, дупки, не можеш да поминеш, кола кога помине не дај Боже ќе те направи за никаде. Како луѓе овде да не живеат, како мајмуни да живеат. Треба да се направе овај пат до раскрсницата кај Мирјанина црква, патот е катастрофа“

Во оваа прилика Јорданов апелираше до граѓаните да бидат посовесни кога е во прашање фрлањето на ѓубре во контејнерите, со цел да се добие изглед како што заслужува секое штипско место.

Лаура Стојанова М-Нет