По две години успешна работа, продолжуваат истражувањата на локалитетот „Била Зора“

Локалитетот „Била Зора“ во Свети Николе и понатаму е подложен на истражувања. Во моментов се истражува гробница, во која се пронајдени 12 гроба, а и понатаму следи истражување и проучување во овој дел од локалитетот. Целта е пронаоѓање на сите места каде се погребувале луѓето од античкиот град.

„Во моментов стоиме на една некропола, која ја истражуваме. Досега имаме пронајдено 12 гроба, работиме 15 – 20 работни дена. Пронајдовме 12 гроба од типот „циста“, во тек се истражувањата, ги документираме гробовите и фотографираме“, истакна Антонио Јакимовски од Филозофскиот Факултет, раководител на истражувањата.

Пред две години дојде до проектот за конзервирањето на Владетелската палата, којшто денес се реализира. Два месеца се работи на конзервација, со цел понатаму локалитетот да се стави во функција на туризмот.

„Ние сме задоволни, бидејќи успеавме и со овие средства да го реализираме она што ни беше поставено. Овој проект ќе продолжи и догодина, ние конкуриравме како установа и се надеваме дека ќе биде препознаен и одобрен“, истакна Митко Штерјов, директор на НУ Завод и Музеј Штип.

Истражувањата се само почеток за целосната замисла на втората престолнина на Балканот. Понатаму треба да следи и уредување на локалитетот како едно туристичко место, значајно за развој на економијата и туризмот.

„Тоа е втора престолнина на Балканот, локалитет којшто може да има огромно значење“, истакна Ратко Дуев, декан на Филозофски Факултет – Скопје.

„Ова ќе значи интерес и за Музејот, и за Општината, но и на самата туристичка карта. Мислам дека не заслужува да биде оставен на забот на времето“, истакна Дејан Владев, Градоначалник на Општина Свети Николе.

Соработката ќе продолжи, согласни се сите страни и заклучуваат дека меѓуинституционалната соработка е особено значајна за зачувување на културното наследство и негово прикажување во вистинско светло.

Ребека Спасова М-Нет