
Најдоцна до 10 ноември, училиштата, здравствените установи, јавните претпријатија и прехранбената индустрија ќе може да поднесат документи за од први декември да се снабдуваат со електрична енергија по пониска цена. За истото можност ќе има секој месец, односно договорот ќе се склучува секој први во месецот, а документите ќе треба да се поднесат најдоцна до 10. во претходниот месец. Рокот за оние кои се на снабдувач во краен случај е секој 20. во месецот.
„Веќе се утврдени процедурите и ЕСМ ја подготви потребната документација врз основа на која ќе се склучат договорите за снабдување со електрична енергија. Документацијата и упатствата се крајно поедноставени и ќе се постават на официјалната страна на АД ЕСМ, од каде потрошувачите ќе може да ги симнат и да ги пополнат заедно со другите документи коишто треба да бидат приложени во барањето, да ги пратат на е-маил, а потоа да ги достават и до Архивата на Компанијата. За датумот на аплицирање ќе се смета времето кога документите се пратени по е-маил. Потрошувачите можат да склучат договор со ЕСМ продажба за снабдување со електрична енергија секој први во месецот. Сите треба до 10. и 11. во ноември да поднесат документи за да почне снабдувањето од први декември. За корисниците кои се приклучени на снабдувач во краен случај рокот е до 20. во месецот“, истакна Ковачевски.
Со мерката се опфатени производителите на основните прехранбени продукти, кои ќе плаќаат по 80 евра за мегават час, а за јавните претпријатија, основните и средните училишта цената на струјата ќе биде 95 евра за мегават час. Ковачевски вели дека во кризата нема да бидат оставени и граѓаните, кои ќе добијат субвенционирање и директна помош.
„Исто така, граѓаните нема да останат сами во пребродувањето на кризата. За нас се еднакво важни и снабдувањето со електрична енергија, како и снабдувањето со храна. Струјата ќе продолжиме да ја субвенционираме со 80% за над 600.000 домаќинства и за 70.000 мали потрошувачи, фирми кои вработуваат 98% од работниците во државата
Потрошувачите од прехранбениот сектор, училиштата и јавните претпријатија за водостопанство договори за поевтина струја со ЕСМ ќе склучуваат на месечно ниво сѐ до 30 април 2023 година.
Ребека Спасова М-Нет