Од вечерва стрелките на часовникот се враќаат еден час назад

Вечерва стрелките на часовникот се враќаат за еден час назад, односно започнува зимното сметање на времето. Оваа одлука конечно беше соопштена пред неколку дена од страна на Влдата, бидејќи на овој начин ќе се заштеди на топлинска и електрична енергија. На терен анкетираните граѓани во Штип се со поделено мислење за тоа дали стрелките на часовникот треба да се вратат назад или не.

За одлуката дали да се менуваат стрелките од часовникот или не Владата одлучуваше на седница на 25 октомври годинава. Тогаш се разгледаа информациите од Министерството за економија, во соработка со останати министерства и институции. Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија.

Зимското сметање на времето започнува последниот викенд од месец октомври.

Лаура Стојанова М-Нет