
Брегалница вчера во воведниот меч запиша три важни бодови во дуелот со Академија Пандев, во рамки на 12. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Црвениот аларм беше вклучен и кај двете екипи, па алармантната состојба подобро резултираше кај штипските „сини“, кои со минимални 1:0 ги добија „пандевци“, кои остануваат на долниот дел од табелата.
Мечот го реши Додев во вториот дел од мечот одигран на Градскиот стадион во Штип.
Победата и трите бодови се повеќе од важни за Брегалница, бидејќи веќе овој викенд има тешко гостување покрај езерото кај лидерот Струга Трим Љум, во рамки на 13. коло од ПМФЛ.
Интересно е тоа што Брегалница и во четвртфиналето од Купот на Македонија ќе се соочи со Струга Трим Љум на 9. ноември.
Борбата за опстанок ќе се вжештува дополнително, а најкритични во моментот се Скопје, Победа, Академија Пандев, па и Работнички, освен доколку денес против Силекс оствари позитивен резултат, односно запише четврто сезонско славје и на тој начин да направи поголем бодовна разлика од местата кои водат во Втора лига.
Брегалница сега е на шестото место на табелата со 15 бодови, а доколку денес Македонија Ѓорче Петров дојде до триумф над шампионот Шкупи, тогаш „лавовите“ ќе се израмнат со „сините“ од Штип.
Колото кое беше отворено вчера во Штип, ќе биде комплетирано денес. Скопје во Автокоманда ја чека Шкендија, Победа ќе игра на домашен терен тежок меч со Струга, Работнички ќе го пречека Силекс, а пак Шкупи ќе биде домаќин на Тиквеш.