Ако нема решение додека да се собере оризот, оризопроизводителите ќе блокираат цел регион

Оризопроизводителите на Владата ѝ даваат рок додека да помине сезоната на собирање на оризот за да најдат решение за проблемите. Доколку и понатаму останат без слух на нивните барања и иницијативите за средба, најавуваат радикален протест со блокирање на патиштата во цела Источна Македонија. Оризопроизводителите велат дека не сакаат ни да мислат за тоа како ќе биде и сѐ уште се надеваат дека нема да се дозволи да дојде до таков момент.

„Протестите како протести сѐ уште се предупредувачки. Траат по три до четири часа за да го искажеме нашето незадоволство. До денес не е најдено решение. Сега протестите се ставени во мирување, бидејќи сега е сезона на собирање на оризот. Оној момент кога ќе го собереме, повторно ќе седнеме на еден состанок и мислам дека тогаш ќе биде протест. Ќе има блокирање на две ленти, новиот автопат“, вели Максимов.

На последниот протест, кој беше на 11 октомври, имаше и пријави поради блокирање на двете коловозни ленти. Здравко Арсов вели дека за истите судењето е одложено на неодредено време, но и покрај тоа повторно ќе посегнат кон протести, бидејќи, како што вели, нема поголем ризик од тоа да се произведува, а да се биде гладен.

„Јас по протестот имам испратено писмо до премиерот и министерот, во име на оризопроизводителите. Нашата намера е да седнеме и да разговараме, проблемите се решаваат само на тој начин. Уште чекам одговор. Доколку нема, протестите мора да бидат радикални со блокирање на сите патишта во Источна Македонија. Нема да се тргнеме, што и да се случи“, вели Арсов.

Оризопроизводителите велат дека не сакаат да протестираат, но маките и ниската откупна цена ги доведува до ситуација да не може да ги покријат најосновните потреби и да купат дрва за огрев. На последниот протест беа поканети и надлежните, но никој не дојде. Обиди за договор имаше неколкупати, но не се најде заеднички јазик.

Ребека Спасова М-Нет