
Законот за работни односи подолго време стои во фиока,а едно од причините поради кои ова се случува е политичката криза во државата, вели професор доктор Андон Мајхошев. Според него треба да се надмине кризата во државата, и тогаш да може да се донесе Законот кој ќе биде од големо значење. Недозволиво е и да се донесе одлука за суспендирање на колективните договори, бидејќи тоа дополнително ќе влијае врз вработените.
„Тоа говори дека Законот за работни односи е ставен во фиока поради политичката криза. Кога ќе се создадат услови, не знам кога ќе се создадат тие услови бидејќи Законот е сѐ уште на некој начин во предлог фаза. Социјалните партнери дискутираа до одреден временски период меѓутоа сега има застој во социјалниот дијалог и се чека оваа политичка криза која е присутна во државата да престане, да се подобрат релациите.“ – кажа Мајхошев.
Кризата во работните односи и трудот се провлекува со години, но загрижувачки е што не се наоѓа начин како да се решаваат проблемите додава професор доктор Лазар Јовевски. Токму поради тоа луѓето се разочарани, младите ја напуштаат државата, слабее синдикалниот дух

„Колективните договори дефинитивно се акти кои се на линија и со значење на Закон. Не може да суспендирате колективни договори доколку немате промена на целиот трудово правен систем. Тоа не може да се случи затоа ние имаме обврски кон Меѓународните организации и кон европските стандарди кои веќе сме ги имплементирале. Темата е затворена, но се отвори како можеби како една неспособност, незнаење или можеби начин за да се реши оваа ситуација“ – додаде Јовевски.
Мајхошев во оваа прилика апелираше до Владата да го повлече чекорот за суспендирање на колективните договори, бидејќи голем број на вработени особено во економијата ќе бидат на удар на вакавата одлука.
Лаура Стојанова М-Нет