
Фудбалерот од средниот ред на Брегалница, Иван Николов е на списокот на селекторот Благоја Милевски за пријателскиот натпревар на А-репрезентација против Саудиска Арабија кој ќе се игра на 22. октомври во Абу Даби.
Николов, кој е и младински репрезентативец на Македонија, по квалитетните изданија за „сините“ на стартот од новата сезона сега ќе дебитира во најсилната македонска репрезентација.
На списокот на Милевски е и поранешниот фудбалер на Брегалница, Мартин Стојанов кој сега игра за бугарскиот прволигаш Септември Софија.
„Ни претстои силен контролен натпревар против Саудиска Арабија, репрезентација која е во фаза на последни подготовки за Светското првенство. Ова ќе биде одлична можност за повиканите фудбалери на терен да се соочат со квалитетен противник, а ние како стручен штаб, реално да го видиме потенцијалот и квалитетот на фудбалерите кои сметаме дека се во најдобра форма во моментот во нашата лига. Нашата намера беше да ги повикаме и Мартин Мирчевски (ТСЦ, Србија), Марко Симоновски (Дрита, Косово), Сефер Емини (Сондерјиске, Данска), Томче Гроздановски (Злате Моравце, Словачка) и голманот Беким Реџепи (Партизани Тирана, Албанија), но дел од нив не добија дозвола од своите клубови бидејќи натпреварот ќе се одигра надвор од ФИФА термин за пријателски мечеви, а некои се опоравуваат од повреда. Со нас ќе биде Дарко Велковски на кого му требаат натпревари за да влезе во права натпреварувачка форма, а шанса ќе добијат и Мартин Стојанов и Кристијан Тошевски. Се надеваме дека сите повикани фудаблери ќе одиграат максимално сериозно и ќе остават позитивен впечаток“, рече селекторот Благоја Милевски.
На списокот на Милевски се наоѓаат следните фудбалери:
Голмани: Кристијан НАУМОВСКИ (Шкупи), Костадин ЗАХОВ (Шкендија), Игор АЛЕКСОВСКИ (Работнички);
Одбрана: Дарко ВЕЛКОВСКИ (Ал Етифаг, Саудиска Арабија), Егзон БЕЈТУЛАИ (Шкендија), Марио МЛАДЕНОВСКИ (Шкупи), Кристијан ТОШЕВСКИ (Тирана, Албанија), Бојан ИЛИЕВСКИ (Македонија Ѓ.П.), Зија МЕРЏАНИ (Струга Трим Љум), Владица БРДАРОВСКИ (Шкупи);
Среден ред: Иван НИКОЛОВ (Брегалница), Адем АЛИ (Шкупи), Ферхан ХАСАНИ (Шкендија), Бунјамин ШАБАНИ (Струга Трим Љум), Бојан ДИМОСКИ (Академија Пандев);
Напад: Бесарт ИБРАИМИ (Струга Трим Љум), Влатко СТОЈАНОВСКИ (Шкендија), Љупче ДОРИЕВ (Шкендија), Кристијан ТРАПАНОВСКИ (Шкупи), Методија МАКСИМОВ (Работнички), Мартин СТОЈАНОВ (Септември Софија, Бугарија);
Подготовките за конторлниот натпревар против Саудиска Арабија ќе започнат на 17. октомври. На тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе се одработат два тренинзи пред заминувањето за Абу Даби на 18. октомври.