Осогово се намачи со новајлијата, Малеш се „сопна“ во Валандово, Овче Поле убедлив против Карбинци

Петтата рунда од Третата македонска фудбалска лига – Исток донесе неизвесни натпревари со многу погодоци и неколку изненадувања.

На Оштинското фудбалско игралиште со вештачка трева во Струмица екипата на Тиверија ја постигна најубедливата победа во 5. коло, откако на домашен терен со високи 4:0 славеше над Дојранско Езеро од Дојран.

Стрелци на погодоци за струмичани беа Никола Тасев, кој стрелаше во првиот дел и Ване Новков, Наум Блажевски и Васко Трајков, кои погодија во вториот дел.

Актуелниот шампион Овче Поле, кој минатата година играше бараж за влез во Втора лига и беше поразен од Арсими, денес со високи 2:5 славеше на гостувањето кај Карбинци. Гостите од Свети Николе на денешниот меч важеа за големи фаворити, а тоа беше потврдено и со висока и сигурна победа.

На полувреме гостите од Свети Николе имаа водство од 0:2. За домашниот тим стрелци беа Саше Соколов и Стефан Стефанов, додека пак за Овче Поле двојни стрелци беа Дарко Нацев и Николче Симонов, додека пак Симе Наков си постигна автогол.

Ланскиот второлигаш Осогово минатото коло загуби во Градско Балдовци од Спартмани (1:0) и тој пораз беше брзо заборавен, откако „жетварите“ денес стигнаа до триумф од 3:2 над новајлијата Академија Чешиново-Облешево. Меѓутоа, Осогово до трите бодови стигна потешко од очекуваното и во финишот од мечот, а херој беше Стоиловски.

Михаил Јакимов уште во 5. минута го отвори резултатот за водство на гостинската екипа, а до крајот на првиот дел Христијан Крстов и Тоше Манов стрелаа за водство на „жетварите“ од 2:1 на полувреме.

На стартот од вториот дел Илија Шуманов постигна погодок за 2:2 со што мечот влезе во голема неизвесна завршница. Херој беше Никола Стоиловски кој во 88. минута постигна гол за конечни 3:2 и голем триумф на Осогово.

На Градскиот стадион во Пробиштип соочување имаа Рудар и Брегалница од Делчево, во меч каде „рударите“ со 2:0 славеа над гостинската екипа и со тоа го запишаа третиот сезонски триумф. Резултатот беше отворен со автогол на Бојан Петровски за водство на „рударите“ од 1:0 на полувреме.

На стартот од второто полувреме Рудар стигна до водство од 2:0 со голот на Марио Атанасовски, кој стрелаше во 64. минута од мечот одигран на Градскиот стадион во Пробиштип за конечните 2:0.

Вардарски и Спартмани го поделија „пленот“ во Богданци откако одиграа меч без погодоци 0:0. За домашниот тим денешниот бод беше прв во новата сезона по пет одиграни кола.

Победа Валандово одигра храбар меч и откина два бода од фаворитот Малеш, во меч каде двете екипи ремизираа играјќи 1:1 во Валандово. Домашниот тим преку Адријан Спасиќ стигна прв до водство од 1:0 уште во 17. минута, а на стартот од вториот дел Митко Пачемски постигна гол за конечни 1:1 со што го спаси Малеш од пораз.

По пет одиграни кола Овче Поле е непоразен лидер на табелата со 13 бодови, еден помалку има второпласираната Тиверија, додека пак Осогово е трет со 10 бодови. Со само еден освоен бод на дното до табелата е Вардарски од Богданци.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – ИСТОК: