
Здруженијата за заштита на животните со повторна реакција за прифатилиштето „Тодор Велков“. Штипското здружение „Спаси живот“ реагира дека градоначалникот не испочитувал ниту една ставка од договорот на состаноците, со кој требало да се избегне нехуманото третирање на животните.
„Ние денес:
-Немаме ниту едно јавно известување за заловување;
-Немаме никаква евиденција за заловените кучиња;
-Немаме добиено никакво барање за објава на кучиња за вдомување од прифатилиштето или преземање на болни кучиња за лекување.
Единствено добивме лист на кој со “+” се означени 90% од кучињата како болни од болести кои се откриваат само преку специјален тест, кој не влегува во понудата на операторот, а за кој тој тврди дека го прават на нивен трошок, а го користат во насока да ги еутаназираат сите заловени кучиња. Присутни бевме на неколку заловувања. А за некои заловувања дознавме после 2-3 недели од загрижени сограѓани.“ – велат од Здружението „Спаси живот“.
Од „Анима Мунди“, пак, велат дека суштината на нивната реакција е целосно промашена во изјавата на претставникот на општина Штип. Од таму повторно бараат да се запре со заловувањето додека ситуацијата не биде под контрола, бидејќи прифатилиштето не презема конкретни мерки за превенција на заразната болест штенечак.
„Суштината на нашата објава која е комплетно промашена во изјавата на претставникот од општината Штип е дека со самото заловување на здрави кучиња за третман во моментов ги изложува на ризик од заразување со штенечак. Прифатилиштето Тодор Велков е подвижна зараза со комбето за заловување и ставионирана зараза со прифатилиштето каде што самите кучиња се сместуваат. Прифатилиштето Тодор Велков што е оператор во повеќе општини ке направи епидемија на смртоносна болест кај кучињата од невидени размери и ке настрадаат голем дел од домашните и бездомните кучиња – ова е нешто за кое сме сведочеле во минатото!“ – велат од Анима Мунди.
На ова градоначалникот Јорданов вели дека сосема ги разбира љубителите на животни и самиот тој се залага за хумано третирање на животните. Меѓутоа, разочаран е од односот на Здружението и вели дека нема да дозволи ширење дезинформации во однос на договорот. За работењето на прифатилиштето „Тодор Велков“ остава да оценат надлежните институции.
„Истите овие здруженија се поканети и секогаш се известени при заловување на кучињата. Сакам да потенцирам дека примарна обврска на Општина Штип е да ја зачува безбедноста на граѓаните по улиците, затоа што секојдневно до нас стигнуваат поплаки коишто имаат финаниски импликации врз нас. Постојат закони коишто се децидни за тоа како се врши избор на ветеринарна станица, а доколку има пропусти истите предвидуваат на кој начин се раскинува договор. Ние не сме надлежна институција да ја оцениме работата на одрадена ветеринарна станица, ниту, пак, може да влијаеме на процесот на избор“, истакна Јорданов.
За заловувањето и третирањето на животните ветеринарната станица „Тодор Велков“ се грижи нешто повеќе од два месеца, откако потпиша договор со општина Штип по пат на јавна набавка.
Ребека Спасова М-Нет