Тркалезна маса на УГД: Како да се подобри образованието и образовниот систем?

Послабите резултати на нашите ученици се поради условите на работа, истиот концепт и неменувањето на методите. За ваквите лоцирани недостатоци, но и за тоа што да се преземе за развој на образованието се дискутираше на денешната тркалезна маса во организација на Факултетот за образовни науки при УГД по повод Светскиот ден на учителот. Според професор Кирил Барбареев, општеството е свесно колку образованието е важно.

„Постојаниот развој е одраз на свеста на една заедница, зошто е важно да се подобруваме, да имаме мрежа на соработка. Подигањето на културата на едно ниво е производ на воспитно – образовниот процес. Идејата е да направиме еден концепт во којшто мрежата на соработка ќе биде подинамичка и поотворена. Ние имаме и одлични примери во изминатиов период. Општеството е свесно за тоа колку е потребно образованието. Тоа што родителите и децата посегнуваат кон други центри за едукација, а младите заминуваат во странство може да биде и позитивен пример за трансформација на нашиот систем“, истакна Кирил Барбареев,
Учителствувањето е најблагородната професија, велат дипломираните студенти. Сепак, согласни се дека треба да се воведат неколку промени и реформи во образованието. Доколку веќе дипломираниот одделенски наставник Јане Буровски би бил министер, би вовел многу подобри услови како за професорите, така и за учениците.

„Како што велат, учителите го менуваат светот. Таа е најблагородната професија. Треба да се направат неколку промени“, вели Буровски.


Состојбите во општеството и недостатокот од реформи влијае негативно врз развојот на образованието, вели професорот Барбареев, а вистинскиот пат иако е долготраен, сепак се постигнува преку соработка со сите институции. Токму поради ова на денешната дискусија присуствуваа претставници од сите образовни институции во Штип и од Одделението за образование при Општината, градоначалникот, ректорот и еминентни професори.

Ребека Спасова М-Нет