Зголемување на пензиите од 7% ќе добијат пензионерите до крајот на месецов

Пензионерите ќе добијат зголемување на пензиите за 7%, истакна денеска од Штип, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

„Пенизонерите на крајот од месецот ќе добијат околу 7% покачување, усогласување на пензиите согласно со новата методологија која ја донесовме во март 2022 година, значи усогласување 50% од трошоците за живот и 50% пораст на просечната плата“, истакна Тренчевска.

Дополнително, според Тренчевска, ефект дава и системот за намалување на сиромаштијата, а во моментов приматели на гарантирана минимална помош се околу 36 илјади домаќинства вклучени во системот за социјална заштита.

„Системот од 2019 година во делот на намалување на сиромаштијата дава ефекти, особено во пандемијата и економската криза со која се соочуваме, брзо ги вклучува сите оние што во одреден момент се нашле во ситуација да се материјално необезбедени. Постојат мерки и за семејства кои се со еден родител, како и за оние семејства каде што имаме две, три или повеќе деца, детски и образовен додаток“, додаде Тренчевска.

Труд и социјала во пресрет на зимата креира нови мерки со министерот за финансии и останатите министри во Владата, со кои Тренчевска очекува да се згрижат барем најранливите во општеството.

Ребека Спасова М-Нет