662 нови жртви на насилство оваа година, 176 побарале услуга само во Штип

Само од почетокот на оваа година евидентирани се 662 нови жртви на семејно насилство, од кои нешто повеќе од 100 се мажи, а 70% се жени. За жртвите обезбедени се квалитетни услуги, коишто нудат соодветна поддршка, а политиките на Министерството за труд и социјална политика даваат резултат, вели министерката Јована Тренчевска при посетата во Штип на невладината ЕХО.

„Една од формите на поддршка се специјализираните советувалишта, како во случајот со невладината организација ЕХО во Штип, која нуди бесплатна правна помош и бесплатна психосоцијална поддршка. Бројката од 176 лица кои ги побарале овие услуги покажува дека општеството се буди и во државата почнува нешто да се случува“, истакна Тренчевска.

ЕХО како организација услугите ги нуди во повеќе општини, меѓутоа Штип се издвојува како лидер. Понатамошната цел е да се овозможи одржливост на услугите благодарение на државата и единиците на локалните самоуправи.

„Во нашата работа ги вклучуваме и сите останати институции, меѓусебно соработуваме и даваме упатувања помеѓу нас како граѓанска организација, претставниците од судот, полицијата, Центарот за социјална работа. Направивме модел којшто многу добро функционира во смисла брзо и ефикасно да се реагира кога ќе се дојде до случај на насилство врз жени или семејно насилство“, вели Бети Пејева, претседателка на ЕХО.

Целта на работењето за заштита, помош и поддршка на жените и девојките е да бидат опфатени сите жртви, без разлика на нивната етничка припадност, финансиска состојба, попреченост и слично.

„Фокусот на нашата регионална програма е поддршка за исполнување на заложбите на Владата за создавање на правна рамка во склад со Конвенцијата, промовирање на општествените норми и однесувања за зајакнување на родовата еднаквост, за зајакнување на сервисите коишто пружат помош на жените жртви на насилство“, Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на УН ВОМЕН.

„Не само граѓаните и граѓанките од Штип, овој сервис го поседуваат и девојки и жени коишто преживеале насилство од целиот регион. Многу е важно што доаѓаат жени од маргинализираните заедници, како оние од руралните средини, со попреченост и оние од етничките малцинства“, вели Елизабета Божиновска, програмска директорка на ХЕРА.

Заложбите на Министерството за труд и социјална политика е проширување на сервисите и отворање сервиси за сторителите на насилство, со кои би било обезбедено истите да не ги повторуваат делата.

Ребека Спасова М-Нет