
80 милиони денари ќе бара Општина Штип од Владата за субвенционирање на штипјани за електрична енергија. Со ова граѓаните би имале намалени сметки, бидејќи разликата ќе ја покрие државата. Иницијативата на советниците од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата доаѓа по примерот на град Скопје, а на денешната седница беше додадена на дневниот ред по итна постапка. Предлог – одлуката пред советниците ќе се најде на следната седница.
„Целта е да се донесе оделука од страна на Советот на Општина Штип, што практично би значело граѓаните да немаат зголемен трошок за електрична енергија поради зголемување на цената, бидејќи разликата би ја субвенционирала државата и со тоа би се намалиле сметките на советниците и тоа по примерот на субвенционирање на корисниците на топлинска енергија во град Скопје“, истакна Душко Иванов, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.
И покрај инсистирањата на советникот од СДСМ, Трајче Стојчевски, за подетално образложение и анализа за дефинираната сума, Иванов потенцираше дека предлог – одлуката ќе ја имаат на следната седница.
„Дали оваа сума е поткрепена на одредена анализа за потрошувачката на домаќинствата во општина Штип и ако е, да се образложи?“, праша Стојчевски.
„Сумата од 80 милиони денари е согласно со последниот Попис и согласно со цената за електрична енергија. Знаеме колку жители има општина Штип и се надевам дека Владата ќе дозволи и ќе им биде помогнато на жителите во тие критични три месеца“, одговори Иванов.
Иницијативата беше изгласана од мнозинството советници, а остатокот гласаше воздржано. За ова како барање да пристигне до Владата, потребно е прво седниците да ја изгласаат предлог – одлуката на следната седница. Понатаму дали Штип ќе ги добие средствата, зависи од Владата.
Ребека Спасова М-Нет