
Во Свети Николе отворен Фестивалот за култура и уметност, кој ќе трае до празникот на градот во декември. Првиот во низата настани беше проекција на документарен филм, а понатаму ќе следат и промоции на книги, филмови, изложби и слично. Фестивалот е во организација на продукција „Аристон“.
„Ќе имаме серија од настани којшто ќе бидат прикажани и претставени. Тоа се дел од нашите проекти, како што се многу книги и документарци. Ќе имаме неколку изложби на фотографии. Ги повикувам сите заинтересирани да ја следат нашата работа и да се информираат за следните настани коишто веќе се подготвуваат“, истакна Никола Ристевски од продукција „Аристон“.
За овој настан придонесоа повеќе покровители, кои за соработката велат дека и понатаму ќе продолжи. Целта, според нив, е да се претстави историјата, па проектите и понатаму ќе продолжат.
„Јас мислам дека ова што ние заеднички го правиме е од големо значење за нашата македонска праисторија и треба да продолжиме понатаму. Се заблагодарувам за големата соработка и таа ќе продолжи и понатаму. Ова е само еден почеток преку кој ќе соработуваме за доброто на Македонија“, вели Ѓорѓија Џорџ Атанасовски од телевизија „Сонце“.
„Соработката со Никола Ристевски и телевизија „Сонце“ трае веќе подолго време. Значи, имаше и други проекти, и други идеи. Сега веќе продукцијата станува зрела и осмислена, многу професионализирана и се надеваме дека нивните проекти ќе покријат определен дел од нашата историја, кои, можеби, не се до крај истражени“, додава Јордан Ѓорчев од Меѓународен славјански универзитет „Г. Р. Державин“.
Во рамки на снимените филмови се претставени повеќе етнолошки обележја на регионов, како што се традиционалните ора и песни токму од пределот на Овчеполието.
„Презентиравме традиционални ора и песни од Овчеполе, каде што може да се согледа двогласното пеење и ората како Џонка, Потрчулка, Крстач и Вртелешката, којашто е еден исклучителен феномен“, вели Тијана Јаневска, дипломиран етнокореолог.
Фестивалот беше отворен во кино салата на „Киноверзум“, а и понатаму преку проектот продолжува развојот на ваквите активности.
Ребека Спасова М-Нет