
Националниот ден на Народна Република Кина одбележан и во Штип. Свечената академија во чест на 1 октомври се одржа во штипскиот Безистен, а на истата присуствуваа Амбасадорот на Кина, градоначалникот на Штип и претседателот на Друштвото за македонско – кинеско пријателство и соработка. Дополнително ваквите настани се и причина повеќе за продлабочување на соработката, па според градоначалникот Јорданов, останува отворена опцијата и за поврзување во областа на економијата.
„Соработката која може да се воспостави на ниво на Општина Штип со општини од Нардона Република Кина и со компании оттаму ќе ја разгледаме, затоа што во изминатите неколку месеци имавме официјална посета. Јас се надевам дека од сите овие средби кои ги направивме и ќе ги направиме ќе произлезе една можност за соработка со Општна Штип“, кажа Јорданов.
Можност за економска соработка изрази и Амбасадорот Џанг Ѕуо. Според него, овој настан и соработката во изминатите години е вистински пример за пријателство меѓу две држави. Соработката и понатаму ќе продолжи, вели тој.
„Задоволството е мое што го посетив Штип и имав можност да го отворам овој настан денеска. Во април годинава дојдов во Штип и имавме пријателска комуникација со градоначалникот Јорданов. Го посетив Универзитетот „Гоце Делчев“. Минатата година имаше плодна соработка помеѓу двете држави и токму затоа ми е мило што сум денес овде. Настанот овде е вистински пример за соработката и пријателството. Во однос на економската соработка, знаеме дека Штип има одлично воспоставена индустрија и се надевам дека продуктите од Штип ќе се пренесат во Кина, се радувам кога ја промовираме соработката и се стремиме кон повеќе бенефит“, истакна Ѕуо.
На настанот присуствуваше и Љупчо Маленко, претседател на Здружението за соработка меѓу двете држави. Иако кинеските здруженија не се многу популарни, тој вели дека опстојуваат подолго време, а се обидуваат и сега да ги возобноват.
„Не сакаме да биде се’ сконцентрирано во Скопје, туку кинеската култура и кинескиот јазик да може да се прошири пошироко низ нашата држава. Прв претседател на нашето Здружение беше Јордан Поп Јорданов, а е основано во 1994 година“, вели Маленко.

Во уметничкиот дел од одбележувањето настапија проф. Златка Митева – флејта, проф. д-р Бранко Павловски – кларинет и проф. м-р Наташа Трбојевиќ – пијано. Во Безистенот беше отворена и Уметничката изложба на штипското Друштво на ликовни уметници.
Ребека Спасова М-Нет