
Годинава одделот за Интервентна кардиологија во Клиничка болница во Штип има двојно повеќе буџет и извршени се двојно повеќе стентирања, изјави директорот на Клиничка болница – Штип, д-р Ален Георгијев.
Минатата година болницата набавила 410, а годинава 940 стентови и друга опрема, за извршување на овие зафати.
„Граѓаните можат мирно да спијат. Сите пет типови на стентови ги имаме набавено и се од топ пет светски најпознати производители, со врвен квалитет.
Ние сме тука да ги слушаме нашите доктори. Имаме доктори со кои секоја клиника би се гордеела и секаде би можеле да работат. Наше е да ги слушаме нивните барања, да ги исполнуваме, да им овозможиме апаратурата да работи, а тие и понатаму да спасуваат животи“ – рече Георгијев.
Одделот за интервентна кардиологија работи од 2014 година. Првичниот тим броеше четворица доктори и шест медицински сестри. Сега во одделот работат седуммина доктори и 14 медицински сестри, четворица болничари и две хигиеничарки. Тимот работи во одделот – Интензивна коронарна единица, опремен со коронарографски апарат, како и во Одделот за полуинтензивно кардиолошко лекување.
„Од мај 2018, до мај 2020 година, направивме околу 2500 коронарографии. Во целиот период од 2014 до 2020 година направивме вкупно 4050, а само за овие две години направивме 2500 коронарографии.
Вкупно стентирања во Ангиографската сала има околу 2500, од кои што само во периодот од 2018 до мај 2020 направивме околу 900 стентирања.
Овие 900 стентирања опфаќаат околу 450 миокардни инфаркти, тоа се пациенти кои со срцеви удари, итно биле донесени во нашата сала“ – изјави Сашко Николов, кардиолог во Клиничка болница – Штип.
Во овој период од четири години извршени се околу 15000 ехокардиографи, односно кардиоваскуларни проценки. Но, во последните месеци, кога во овој Оддел се работи со посебни протоколи за заштита од коронавирус, извршени се околу осумдесетина стентирања врз пациенти, кои во најголем дел биле со срцев инфаркт.
Од пред две години, освен стент на срцеви артерии, во болницата во Штип се врши стентирања на артериите на екстремитетите, како и на бубрежните артерии.
Во наредните години во овој Оддел ќе се врши и имплантација на пејсмејкер.
Славица Величковска / М Нет