По 25 години повторно ватерполо во Штип

ПО 25 ГОДИНИ ПОВТОРНО ВАТЕРПОЛО ВО ШТИП. ШТИПСКИТЕ ВЕТЕРАНИ ОДИГРАА МЕМОРИЈАЛЕН НАТПРЕРВАР ВО ЗНАК НА СЕЌАВАЊЕ НА ПРЕРАНО ПОЧИНАТИОТ ВАТЕРПОЛИСТ КИРИЛ ГРАНКОВ ,А СО ЦЕЛ ЗА ПОПУЛАРИЗАЦИЈА НА ОВОЈ СПОРТ.

              Пред една деценија на градскиот базен во Штип се одиграл некаков ревијален ватерполо натпревар, но последниот првенствен се случил 1996 година. Така велат ветераните на ватерполо клубот 8 ноември од Штип кои во тоа време  нешто значеле  во пливачките спортови и тоа во услови кога градот и тогаш и денес не само што нема море, нема езеро, нема ниту брана, има само две реки и плејада на поранешни пливачи кои биле државни рекордери во разни дисциплини  и учесници на повеќе маратони.

             Некои од нив денес се само рекреативци во штипскиот базен,  инструктури во школите за непливачи или млади пливачи, но се досетија малку да го вратат времето кога штипското пливање и ватерполо имаше звездени мигови па во  штипскиот базен Aква Бела ресорт го организираа меморијалениот ватерполо натпревар во знак на сеќавање на поранешниот пливач и ватерполист Кирил Гранков.

             Така вели еден од основачите на пливачкиот и ватерполо клуб 8 Ноември од Штип, Тони Даскалов, кој и во денешно време со успех обучува голем број деца со основните техники на пливањето, во школите кои преку цело лето работат во базанот во Штип.  Тој и неговите колеги се досетиле, па вчера одржаа ватерполо натпревар меѓу ветераните на штипскиот ватерполо клуб 8 Ноември и клубот Вардар од Скопје. Еден од неговите најголеми поддржувачи е Андреј Геогиевски, кој пред извесно време е избран за претседател на ватерполо федерацијата на Македонија, инаку, поранешен ватерполист, судија во овој спорт и голем вљубеник во пливањето и спортовите на вода.

             На ревијалната и меморијалната средба во Штип учествуваа и повеќе штипски пливачи и ватерполисти кои иако живеат во други градови сепак најдоа време да дојдат во својот роден град. Меѓу нив беа и браќата Даниел и Ангел Митеви.  Популаризација на пливањето, на ватерполото и на другите спортови на вода не може ако нема следбеници. Во случајот присутни беа и дечињата од школата за непливачи и школата за млади пливачи во Штип, па кој знае некои од нив можеби некогаш ќе бидат идни врвни пливачи или ватерполисти.