
Првото лето од мандатот на градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов и раководните лица од ВМРО ДПМНЕ е одбележано со пречести и ненајавени прекини во водоснабдување, истакнаа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму со низа прашања до Јорданов и Здравков.
„Бараме од градоначалникот Јорданов и в.д. директорот на ЈП „Исар“ Трајче Здравков да одговорат на следните прашања: За кој месец е последната платена сметка кон ЈП „Злетовица“ за испорачана вода до ЈП „Исар“?
Дали во моментов се испумпува вода од бунарскиот систем?
Во каква состојба се бунарите и опремата за испумпување, откако бунарскиот систем беше напуштен пред една година?
Дали по приклучувањето на ХС „Злетовица“ се намалени сметките за струја?
Зошто за планираните замени на делови од главни линии граѓаните не се известуваат навремено, туку дури откако ќе снема вода?“ – прашаа од СДСМ.
Од таму додаваат дека во најголемите жештини граѓаните се оставени жедни. Затоа бараат градоначалникот и директорите да го прекинат долгиот одмор и да дадат детални образложенија за постојаната неефикасност во водоснабдувањето.
На ова директорот на ЈП Исар, Трајче Здравков одговори дека наместо СДСМ да прашуваат сега требало да работат претходно.
„Жално и срамно е што гарнитурата од СДС предваничка која со своето работење го донесоа претпријатието до просјачки стап имаат доблест да прашуваат за водоснабдувањето во Општина Штип. Тоа за што критикуваат е последица на нивната неодговорност, бидејќи да работеле како што треба и реконструирале водоводна мрежа со поставување на контролни и воздушни вентили до сега градот ќе имаше помалку дефекти, кои што сега се последица на старата водоводна мрежа над половина век. Наместо да прашуваат за сервисирањето на обврските подобро е да се запрашат зошто нивните политики донесоа пет пати поскапа електрична енергија и дупло поскапо гориво што директоно придонесуваат сите јавни претпријатија со судни маки да ги сервисираат своите обвсрки“ – одговори Здравков.
Тој додаде дека и покрај препрките и долговите ЈП Исар ги реконстрира старите водоводни мрежи и вратиле долг од 20 милиони денари.
Лаура Стојанова М-Нет