
Десет од дванаесетте во Штип и четири од десетте во Кочани – Општините успеаја да продадат парцели преку јавно наддавање. И двете јавни наддавања се спроведоа по претходно распишан конкурс за продажба на градежно земјиште на повеќе локации низ општините. Во Штип електронското наддавање се одржа на 22 јуни, кога се продале вкупно 10 парцели. Интересот бил голем, а само за две парцели со намена индивидуално домување во населба Баби немало ниту еден купувач.
„По завршување на самото јавно наддавање, по основ на десетте спроведени аукции, се постигна вкупна цена од 54.395.727 денари или 887.369 евра. Највисока цена се постигна на јавното наддавање за градежна парцела 36.23 којашто е со намена домување во колективни станбени згради, се наоѓа во населба Сењак. За оваа градежна парцела купопродажната цена достигна 40.692.500 денари или 663.825 евра. Градежната парцела за која се постигна најниска цена е во износ од 35.997 денари или 587 евра и истата е со намена домување во индивидуални куќи и се наоѓа во населба Баби“, истакна Лазар Хаџи Николов, раководител на Одделение за урбанизам при Општина Штип.
Општина Кочани, пак, на јавното наддавање оттуѓи четири парцели. Десетте парцели кои беа понудени беа со површина од 294 па до 549 м2, а почетната цена за истите беше 61 денар/м2. Повеќето беа за индивидуално домување, а кај пет од нив е дозволено и вметнување простории за комерцијални или други деловни намени.

„На електронското јавно наддавање од 36. објава на Општина Кочани за отуѓување градежно земјиште, сопственост на Република Северна Македонија, се отуѓени четири од понудените 10 градежни парцели со намена за изградба на објекти за индивидуално домување во Кочани.
Градежните парцели се со површина од 294 до 549 квадратни метри, а се отуѓени по цена од 71 до 2000 денари за метар квадратен. Со продажбата на овие парцели во наредниот период ќе се инкасираат 1.402.000 денари од кои 80 проценти ќе влезат во Буџетот на Општина Кочани.
Со 36. објава беа понудени објекти за индивидуално домување на улиците „Иљо Тесларо“, „Пиринска“, „Ѓорче Петров“, „Смилевски конгрес“, „Митко Тодоров“ и „Вера Которка“ во Кочани.“ – се вели во соопштението на Општина Кочани.
Во Штип, пак, парцели се продаваа во населбите Баби, Сењак и Балканска, а нивната површина беше од 288 па до 2970 м2. Почетната цена за сите беше различна и почнуваше од 61 па до 1635 денари/м2. Постапката за наддавање е сѐ уште во тек, бидејќи согласно со Законот за градежно земјиште, истата се смета за завршена во моментот кога од страна на најповолниот понудувач ќе биде уплатена купопродажната цена и ќе биде потпишан договорот за купопродажба. Парцелите кои не се продадоа повторно ќе бидат понудени на јавно наддавање.
Ребека Спасова М-Нет