
Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Штип намален за 10% во изминативе шест месеци. Над 50 кривични пријави за недозволена трговија со дрога, поголема ефикасност во расчистувањето на кражбите и разбојништвата, како и намален број жртви во сообраќајот се дел од позитивната статистика која говори за подрачјето на Секторот.
„Посебен успех бележиме во делот на недозволената трговија со дрога со поднесени 41 кривична пријава за сторени 48 кривични дела, против 51 сторител, при што запленети се 88,5 килограми марихуана, 117 грама хероин и 35 грама кокаин. Постигната е ефикасност од 36% во расветлувањето на тешките кражби и 50% во расветлувањето на кривичните дела „разбојништво“. Јавниот ред и мир бележи намалување кај пријавените прикршоци за 7%. Во областа на сообраќајот бележиме намалување за 33% во сообраќајните незгоди со загинати лица. Имаме четири жртви во овој период споредбено со минатата година, истиот период, кога животот го загубиле шест лица“, информираше Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.
Во меѓувреме, продолжува и превенцијата, односно превентивните мерки и активности со цел заштита и спречување на кражби во домови и други јавни места. Апелот е сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, а граѓаните да не фрлаат отпушоци и да не палат оган, поради опасност од предизвикување пожари.
„СВР Штип апелира до граѓаните – пред да ги напуштат своите домови, да ги преземат сите неопходни мерки за заштита од тешки кражби и кражби како што се: заклучување на влезните врати, вратите од терасите, балконите, гаражите и подрумите; внесување во соодветни простории; особено да бидат внимателни при користење на социјалните мрежи, односно да не постираат слики од места каде престојуваат, бидејќи тие се вистински извор на информации за крадците“, додава Панајотова.
Ваквите превентивни активности се спроведуваат во рамки на кампањата „Безбедно лето“, па пораката и понатаму останува дека сите небезбедни настани и појави треба и може да се пријават на телефонските броеви 192 и 112.
Ребека Спасова М-Нет